Очите на Ана
Див свет… Заедно со диви животни... Сé на сé џунгла од испреплетени човечки тела, без емоции за повреденото и за изгубеното. Секојдневно се грчев под острите бодежи на нивниот потсмев по моето кревко, нејако тело. Во секој дел од моето тело како снажен удар во гонг одекнуваа сите нивни искажани, но и премолчени зборови: Ништожник! Ништожник! Зошто? Кој ли е грешникот? Јас? Не! Моите родители? Не! Постои ли место каде што ќе можам да најдам закрила од вперените очи - очи без почит, очи со љубопитност, очи кои не те љубат, очи под чиј поглед само тивко, полека страдаш. Полека се топам во тишината... Сé до моментот кога веќе немам сила да застанам пред тие безмилосни очи повторно.
Единствените очи кои ме почитуваа и ме гледаа еднакво како и другите луѓе во општеството, беа очите на мојата пријателка Ана. Иако волонтер, таа ме сметаше за свој пријател. Моите сништа со неа изгледаа реалност кои можат да се случат и доживеат во секој миг. Нејзината поддршка секогаш ме издигнуваше од пепелта, па сé до врвовите. Со насмевка во гласот ме извлече од мракот, ми покажа како да го разберам минатото, како да ја живеам сегашноста за да можам да í препуштам на иднината. Со нетрпение ги очекував организираните долги прошетки во природа заедно со неа. И, во тој миг, замислував како некое весело ветре í ја гали русата, свилена коса. Нежно í го разгалува топлото телото и продира тивко низ големите и извиткани клепки. Тогаш посакував да можев да ја погледам в очи и на сиот глас да í речам колку многу ми значи нејзиното пријателство. Ох, само да можев да ги видам тие кристално сини очи кои секогаш се тука за мене! Да можев да се уверам дали се исти такви неверојатни како што ги замислувам. Весели, полни со почит, разбирање и радост, каде што нема место за тага и солзи. Очи кои ти налеваат насмевка на лицето и сигурност во себе.
Од тие прошетки до сега помина доста време, можеби десетина години. Но, очите на Ана се сé уште до мене и сé уште онакви какви што ги знам од порано. Всушност, тие не престанаа да ме набљудуваат цело време со љубов. Внимаваат на мене како дење, така и ноќе. Нејзините очи сега се и мои. Тие ја претставуваат нашата внимателно исткаена радост, а во блиска иднина и нашето дете – плодот на една неизмерна и чиста љубов. Од овие очи само искрена љубов зрачи. Тие се очи кои пркосат на безчуствителното општество, на луѓето кои не знаат како е воопшто да постоиш во општеството каде што секогаш си дискриминиран и исмеван поради тоа каков си. Секој ден, додека го вдишувам воздухот и додека го допирам тлото, и благодарам на Ана. И благодарам за животот кој ми го пружи, за поддршката и за светлата идина која што не ќе се случеше доколку таа не беше до мене.