Високата школа за новинарство и за односи со јавноста го основаше Институтот за комуникациски студии (ИКС) којшто ќе организира академски магистерски студии и ќе спроведува научни истражувања во сферата на комуникациите и медиумите.
ИКС е регистриран како научен институт од страна на Министерството за образование и наука, со цел да го поттикне развојот на нови кадри во научно-истражувачката дејност и да го надомести сериозниот недостаток од истражувања во односите со јавноста, корпоративното комуницирање, интегрираните маркетинг комуникации, новите медиуми и новинарството. Дополнително, ИКС акредитираше магистерски студиски програми на две насоки: Менаџирање на стратегиски комуникации и Менаџирање на медиуми и мултимедија.
На ваков начин, Институтот обезбедува поврзаност на постдипломските студии со истражувачката дејност и работа на студентите на конкретни истражувачки проекти. Студиските програми претставуваат спој на најмодерните теории и истражувања во областа на медиумите и комуникациите со потребите на индустријата и јавниот сектор и предизвиците со кои се соочуваат. Наставата ќе се базира на меѓународните стандарди и практики во образованието и ќе се реализира во рамки на Катедрата на УНЕСКО за медиуми во Македонија, чиј носител е Високата школа.
Главен фокус на научно-истражувачката дејност на ИКС ќе биде комуницирањето во јавната сфера и промените што во нашето општество, неговите институции и организации се случуваат преку медиумите и јавната сфера. Истражувањата ќе овозможат да се развиваат иновативни идеи и правци и да се поттикнуваат професионалните стандарди во комуницирањето во индустријата, јавниот и цивилниот сектор.
Институтот за комуникациски студии ќе ги публикува резултатите од истражувањата и ќе организира различни научни собири, со што ќе придонесе во јавната дебата и во градењето на политиката во областа на комуникациите и медиумите во Македонија.