Сашо Кокаланов

saso-kokaСашо Кокаланов е новинар, писател, драматург, сатиричар. Со професионална новинарска работа почнува да се бави во дневниот весник „Дневник“, во 2002 година, непосредно по завршувањето на студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје, а со хонорарна многу порано, уште од училишните денови. Од март 2008 до март 2011 година беше главен и одговорен уредник на весникот, а потоа една година беше уредник на неговото електронско издание.

Првиот објавен роман „Семецот“, во чиј склоп се наоѓа и неговиот прв драмски текст „Кафез за будали“ излегоа во 2003 година. Објевени се во издание на „Култура“. Неколку месеци потоа, исто така во издание на „Култура“ излезе од печат и неговиот втор роман „Ноќ на железничката станица во Розендал“ (2004), кој се најде во потесниот избор за Рациновото признание во 2004 година и во неколку други книжевни селекции. Романот е преведен на српски јазик.

Во 2005 година како самостојно издание на авторот е отпечатен третиот роман на Кокаланов „Изабела, Исмаела и јас“. И тој, како и неговиот претходник наиде на добар одѕив на литературната критика, а фондацијата „Балкани“ го објави и на бугарски јазик. Истата година излегува второто издание на романот, овојпат како издание на „Култура“.

Во 2011 година, по повод петнаесеттиот роденден на „Дневник“, ја напиша пиесата „Крвта не е вода“, која во режија на Сашо Миленковски беше поставена на сцената на Драмскиот театар од Скопје и се играше со голем успех како дел од редовниот репертоар на овој театар, но и на гостувањата низ земјата.

Истата година, на конкурсот за наградата „Коле Чашуле“ на Македонскиот народен театар, текстот на Кокаланов „Чад“ ја доби третата награда во конкуренција на повеќе од 40 пријавени пиеси.