| Постдипломски студии за човекови права на ЕУ |
| Вторник, 09 Февруари 2010 09:20 |
|
Европскиот интер-универзитетски центар за човекови права и демократизација го отвори конкурсот за прием на нови постдипломци за Европската постдипломска програма за човекови права и демократизација. Иницирана од Европската унија, станува збор за едногодишна мултидисциплинарна програма која ги опфаќа нераскинливите врски меѓу човековите права, демократијата, мирот и развојот, притоа вклучувајќи практичен пристап во изучувањето на овие области.
Од декември 2009, седум универзитети се вклучени во оваа постдипломска програма обезбедувајќи им на своите студенти заедничка диплома: Универзитетот на Грац, Католичкиот универзитет Лувен, Рур Универзитетот, како и универзитетите на Хамбург, Падова, Венеција и на Деусто, Билбао.
Програмата нуди изучување на меѓународното право, политиката, философијата, историјата и антропологијата на човековите права. Студентите ќе имаат можност да студираат во мултикултурна средина и да слушаат предавања од водечки академици, експерти и претставници на меѓународни организации, вклучувајќи ги и Европската Унија, Обединетите нации, Советот на Европа и ОБСЕ, како и невладини организации. Постдипломците ќе се здобијат со академски и практични вештини – од една страна способност да спроведуваат независно и интердисциплинарно академско истражување поврзано со човековите права и демократизацијата, а од друга страна – вештини како што се известување, пребарување на факти и мониторинг, што се многу битни за идните експерти за човекови права.
|
