LOGO - Лого

Потпалувачки говор, говор на омраза и говор со кој се стереотипизира се дел од прекршувањата што се забележани во набљудувањето на медиумите во предизборниот период.

За овие заклучоци и за други прашања поврзани со улогата и влијанието на медиумите се дискутираше на денешната дебата „Изборите и медиумите: да се вратиме кон професијата“ што во организација на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста се одржа во мултимедијалниот центар на радио станицата Канал 77во Штип.

„Во информирањето е потребна критичка дистанца од дискурсот на политичарите“, потсетија истражувачите од Високата школа, повикувајќи се на меѓунродните стандарди и домашната регулатива. Истражувањето нема намера да изрече етичка санкција на медиумите, туку да ги поттикне да размислат за негативната улога што може да ја имаат медиумите во дезинтеграцијата на општеството. Се потенцираше дека слободата на изразувањето е најважна, но не смее да се злоупотребува. Соговорниците се согласија дека иако и политичарите се одговорни, новинарската одговорност е најголема кога се работи за професионалните стандарди и етиката. Се’ додека не се создадат услови во општеството за слобода на говорот и демократија, медиумите нема да можат да се отргнат од политичките канџи и за жал, а новинарите ќе продолжат да бидат под се’ посилни политички притисоци.

Дебатата беше посветена на трагично загинатиот новинар Никола Младенов, кој требаше да биде еден од панелистите.  Настанот започна со прикажување извадок од едно од неговите последни гостувања во емисијата на ТВ 24 Вести во кое зборува за рушењето на македонското новинарство.  Во текот на истражувањето  беа набљудувани 21 национален медиум. Дебатата се емитуваше во живо на радиото Канал 77, на Тера телевизија и беше стримувана на вебстраниците на Високата школа.

Денешниот настан е дел од активностите на проектот „Набљудување на известувањето на медиумите за партиско-политичките и меѓуетничките прашања во текот на предизборниот период“ кој Високата школа го реализира со поддршка на Амбасадата на Холандија во РМ и Мисијата на ОБСЕ.

Повеќе слики од настанот

 

Соопштение за јавност

Press Release